Македонија ќе го врати денеска долгот по достасаната еврообврзница вредна 175 милиони евра. Станува збор за задолжувањето од 2009 година кога државата одлучи на меѓународниот пазар да позајми толку пари со издавање вакви хартии од вредност. Вкупниот долг со каматата од приближно 9,9 отсто годишно е 183 милиони евра. Парите се враќаат без никаков проблем и нема да имаат никаков негативен ефект врз девизните резерви. Околу 50 милиони евра, што денеска како девизи ќе излезат од земјата, повторно ќе се вратат во домашната економија, кај приватните пензиски фондови, кои имаат купено еврообврзници. Гувернерот на Народната банка на Македонија, Димитар Богов, потврди дека отплата е обезбедена.
Македонија ќе го врати денеска долгот по достасаната еврообврзница вредна 175 милиони евра.
Станува збор за задолжувањето од 2009 година кога државата одлучи на меѓународниот пазар да позајми толку пари со издавање вакви хартии од вредност. Вкупниот долг со каматата од приближно 9,9 отсто годишно е 183 милиони евра. Парите се враќаат без никаков проблем и нема да имаат никаков негативен ефект врз девизните резерви. Околу 50 милиони евра, што денеска како девизи ќе излезат од земјата, повторно ќе се вратат во домашната економија, кај приватните пензиски фондови, кои имаат купено еврообврзници.
Гувернерот на Народната банка на Македонија, Димитар Богов, во празничното интервју за „Дневник“ потврди дека отплата е обезбедена.
- Дефицитот во платниот биланс веќе трета година е на ниво од три отсто од БДП, што е исклучително ниско ниво за земја како Македонија. Тоа ни овозможи да ги зголемиме девизните резерви на рекордно ниво од речиси 2,2 милијарди евра на крајот од 2012 година. Тоа е износ што овозможува безбедно враќање на достасаните обврски кон странство - изјави Богов.
Според него, девизните резерви имаат улога на амортизер на првиот удар во случај на надворешен шок.
- Во изминатите дваесет години многупати сме биле погодени од надворешни шокови. Ризик за нови шокови секогаш постои. Но, во таков случај и монетарната политика соодветно би реагирала за да предизвика приспособување на економијата на новонастанатите услови и бргу би го презела товарот од девизните резерви - изјави гувернерот.
Еврообврзницата што Македонија сега ја враќа е една од двете издадени од државата. Овие хартии од вредност во 2009 г. ги купија инвеститори најмногу од Велика Британија, Швајцарија, Бразил и од Австрија, но и приватните пензиски фондови од Македонија. Во 2005 година беа издадени еврообврзници за 150 милиони евра, со камата од 4,6 отсто.